Повратникот во Супер лигата, Младост, се пофали со четвртото засилување за големиот предизвик. Станува збор за искусниот Владимир Бојаниќ, довчерашен член на Охрид. Бојаниќ пред извесен период доби македонски пасош, тој е и македонски зет, па во клубот од Богданци нема да се води како странец. Најголемиот успех со Охрид го оствари во изминатата сезона со освојувањето на Европскиот Куп.
Уште еден член на Охрид си најде нова средина. Голманот Градимир Чаневски одлучи да се врати во Бутел, кој во новата сезона од клупата ќе биде предводен од легендарниот Стојанче Стоилов. Чаневски во кариерата една сезона го бранеше голот на Бутел, потекнува од школата на Металург, а во главниот град настапуваше и за Вардар. Пет сезони беше дел од Еурофарм Пелистер, додека на интернационално ниво го носеше дресот на Макаби Ришон Ле Зион. При неговиот претстој во Израел, беше избран за најдобар голман за сезона 2023/24.
Десното крило Филип Трајанов повеќе не е член на Радовиш, клуб кој во следната сезона ќе игра во прволигашката конкуренција. Трајанов, освен за матичниот Радовиш, има забележано настапи и за Вардар Неготино. Во следниот период би требало да биде познат новиот клуб на радовишанецот.