Во новата натпреварувачка сезона во Првата ракометна лига кај дамите ќе се натпреваруваат вкупно осум екипи, а Струга ќе има два претставника.
Покрај ЖРК Стружанка, тоа ќе биде и ЖРК Струга, која во претстојната сезона ќе го има своето деби во сениорска конкуренција. Дебитант ќе биде и ЖРК Гевгелија Југ, клуб формиран пред една сезона.
Како што објави Спортска Димензија пред една недела, иако Пелистер требаше да биде прволигаш по елиминацијата од МРК Ѓорче Петров, сепак, по повлекувањето на Астибо од Супер лигата, битолчанки добија нова шанса и остануваат дел од најквалитетното домашно натпреварување.
Пријавени екипи за сезона 2026/27:
Овче Поле Славјански Универзитет, Стружанка, Шампион, Гевгелија Југ, Деспина, Астибо, Јехона и Струга.
Во изминатата сезона, титулата во Првата лига ја освои Атлетик, со што избори директен пласман во Супер лигата, додека МРК Ѓорче Петров 2 преку баражот успеа да се врати во домашната елита.