Македонија би можела за првпат во историјата да биде домаќин на Европско првенство во ракомет за мажи во сениорска конкуренција. Ракометната федерација на Македонија (РФМ), заедно со федерациите на Србија и Словенија, работи на заедничка кандидатура за организација на Европското првенство во 2034 година.
Дека идејата е сериозна потврди и претседателот на Ракометниот сојуз на Србија, Божидар Ѓурковиќ, кој откри дека трите федерации веќе одржале три состаноци и постигнале начелен договор околу моделот на организација.
„Во изминатите денови имавме три состаноци со претставниците на федерациите на Македонија и Словенија и начелно се договоривме околу сè. Пред официјално да ја објавиме заедничката кандидатура, потребна ни е согласност. Договорот е Европското првенство да се игра во три држави, во секоја да има по две групи, а Србија да биде домаќин на финалниот викенд“, изјави Ѓурковиќ.
Според првиот човек на српскиот ракомет, заедничката кандидатура на трите земји има сериозни аргументи за добивање на организацијата.
„Имаме големи шанси да го добиеме домаќинството. Сите три земји имаат организациски можности и верувам дека тоа ќе биде добро. Постои можност да добиеме организација и на натпреварувања за помладите категории“, додаде Ѓурковиќ.
Македонија во 2008 го организираше Европското сениорско првенство во женска конкуренција, а домаќини беа Скопје и Охрид.