По една сезона помината во дресот на Мулти Есенс, талентираниот ракометар Стефан Ѓоргиевски се враќа во својот матичен клуб.
Левото крило, инаку и кадетски репрезентативец, минатата сезона беше дел од тимот на Мулти Есенс, кој успеа да ја освои титулата во Првата лига и да обезбеди пласман во најквалитетното домашно натпреварување. Стружанецот имаше свој придонес во успешната сезона на клубот од Автокоманда, а сега се враќа во родниот град и повторно ќе го носи дресот на Струга.
Ѓоргиевски зад себе веќе има и суперлигашко искуство, а пред заминувањето во Мулти Есенс се истакна и во младинските категории. Во кадетска конкуренција со Струга го освои среброто на Ф4 турнирот во 2025 година, каде што беше прогласен за МВП, најдобар стрелец и најдобро лево крило.
Во сезоната зад нас, покрај првото место во Првата лига со Мулти Есенс, Ѓоргиевски го освои и шампионскиот трофеј во младинска конкуренција.
Со кадетската репрезентација на Македонија беше дел од Европското првенство во Србија, на кое „црвено-жолтите“ го освоија деветтото место. Стефан беше еден од најдобрите во нашата репрезентација, а настапот на кадетскиот континентален собир го заврши со 40 погодоци. На натпреварот против Фарски Острови беше прогласен за најкорисен играч, односно МВП.

Струга во новата натпреварувачка сезона, во која повторно ќе биде дел од Супер лигата, откако Пролет се повлече од суперлигашкото друштво, ќе влезе со големи амбиции. Во клубот пристигнаа неколку искусни ракометари, кои веќе ги видовме на Струшкиот турнир (Марио Танкоски, Никола Јукиќ, Мартин Јовановски, Пеце Рајатоски…), додека во следниот период се очекува да бидат официјализирани и трансферите на уште неколку засилувања.