Ракометарките на Овче Поле Славјански Универзитет забележаа победа на гостувањето во Штип кај поранешниот суперлигаш Астибо (33:26), во рамките од 3. коло од прволигашката конкуренција.
За клубот од Свети Николе ова беше втор триумф на теренот во новата сезона, односно трета победа, бидејќи има и службена победа од првото коло против Стружанка (10:0).
Во составот предводен од Илија Бетувски и Илија Конев, одлично расположение за игра покажаа Анастасија Сентовска (најдобриот прволигашки стрелец од минатата сезона), како и Јована Ангеловска, Јована Конева и Стефанија Павловска, а на голот Ивана Станчева имаше 11 одбранети удари, додека Дона Маркоска четири.
Сентовска го заврши натпреварот како најефикасна со 10 погодоци, Ангеловска додаде седум, Конева шест пати ја затресе мрежата на домаќинот, а Павловска имаше максимален ефект со пет погодоци од пет обиди.
Кај екипата на Астибо, Анастасија Богоевска и Мила Филипова беа најефикасно со по шест погодоци, пет додаде Мелани Неделкова. Во составот на Астибо на денешниот дуел беше и голманката Кристина Младеновска Кузмановска, која ја заврши својата играчка кариера и замина во пензија.