Ракометарите на Вардар на гостувањето во Струга кај истоимената екипа славеа со 34:25 во натпревар од 11. коло од суперлигашкото друштво. Свое деби на клупата на македонскиот вицепрвак имаше новиот тренер Гиљермо Милано, а камбек на терените, по повредите, имаа Дмитри Горига и Португалецот, Мигел Пинто, кој на денешниот натпревар го имаше дебитанскиот настап за „црвено-црните“.
Стружани во првиот дел беа повеќе од рамноправен противник, а нерешениот резултат, 14:14, на полувреме, само покажува дека гостите не одиграа според посакуваното.
Со оглед на искуството и ростерот, за очекување беше дека во вториот дел ќе дојде до израз квалитетот меѓу двете екипи, па така Вардар започна постепено да се одлепува, заигра поангажирано во двата правци и на крај победи со девет гола разлика.
Хансер Родригез со 6 гола беше најефикасен кај гостинскиот тим, а пет гола постигна Томислав Јагуриновски. Кај Струга прво име беше Ненад Костоски со девет гола.