Со натпреварот меѓу Прилеп и Алкалоид стартуваше новото, 10. коло во кадетската лига, а на дуелот во спортската сала „Ристе Ристески – Ричко“, гостите од Автокоманда триумфираа со 34:29 (15:14).
Натпреварот голгетерски го одбележаа неколку ракометари, како и голманот на Алкалоид, Мартин Пандиловски, кој минатата сезона беше избран за најдобар голман на Ф4 турнирот во пионерската лига, во која неговиот тим го освои шампионскиот пехар.
Ракометарите на Алкалоид до двата бода стигнаа со одличната игра во вториот дел, во кој целосно ги надиграа домаќините. Прилепчани добро се држеа 35-40 минути, но потоа сè мина во знакот на гостинскиот тим.
Пандиловски беше еден од најзаслужните за победата на Алкалоид, откако на домаќините им одбрани 14 удари. Во нападот на Алкалоид се истакна Мартин Грашески со 11 погодоци, пет додаде Димитар Колески, а четири реализации имаше Калин Краљевски. Кај Прилеп, Вања Ѓорѓиоски ја предводеше листата на стрелците со 10 погодоци, додека девет имаше Бојан Наскоски.
Со победата во Прилеп, Алкалоид стигна до 12 бода на своето конто (има шест победи досега), а во следното, 11. коло против Еурофарм Пелистер ќе атакува на седми сезонски триумф. Прилеп, кој во досегашниот дел од сезоната има биланс од две победи, едно реми и седум порази, во следното коло ќе гостува во Кавадарци кај Тиквеш.
Кадетска машка лига, 10. коло, резултати и распоред:
Група А
Прилеп – Алкалоид 29:34 (14:15)
Вања Ѓорѓиоски 10, Бојан Наскоски 9/Мартин Грашески 11
Тиквеш – Еурофарм Пелистер 2 25:26 (13:13)
Зоран Булуков 7/Новак Вељановски 10
Струга – Пролет – во тек
15.11 – 17:00 часот – Преспа – Еурофарм Пелистер
Група Б
Текстилец – Македонија ЃП – во тек
15.11 – 16:00 часот – Младост – Куманово
15.11 – 16:30 часот – Гемиџии – Мулти Есенс
Вардар – слоб.