Младост Богданци со триумфот над Струга од 30:28 (16:13) ја забележа првата сезонска победа по кам-бекот во најквалитетното домашно ракометно натпреварување.
Богданчани пред вечерашниот дуел имаа три бода, освоени со нерешените резултати против Бутел, Мулти Есенс и Еурофарм Пелистер 2. Струга, пак, беше во добра серија и со последните три победи, над Мулти Есенс, Еурофарм Пелистер 2 и Куманово, успеа да фати приклучок кон позициите што водат кон плеј-офот, но денеска беше запрена од избраниците на Горан Андоновски.
Домашниот тим во најголемиот дел од натпреварот имаше резултатска предност, а клучниот момент за победа се случи во периодот од 45-та до 50-та минута. При нерешен резултат, 22:22, тимот на Младост направи серија од 3-0. Со головите на Пеиќ, Бојаниќ и Јанковски, домаќините се одлепија на 25:22 и до крај беа во предност од два до четири гола.
Најефикасен во победничката екипа беше Даниел Андоновски со осум погодоци, додека кај Струга листата на стрелци беше предводена од Предраг Родиќ со шест погодоци.
Младост сега има пет бода, а во следното коло повторно ќе биде домаќин, овојпат на тимот на Бутел, предводен од вардаровата легенда Стојанче Стоилов.
Струга, која останува на седум бода, во 12. коло ја очекува гостување во Кавадарци кај Тиквеш.
Доколку го пропуштивте натпреварот меѓу Младост и Струга, погледнете го на видеото во продолжение…