Првпат сезонава младинскиот тим на Бутел Скопје не успеа да остане непоразен во младинската лига. Избраниците на Стефан Стојановски загубија на гостувањето во Автокоманда кај актуелниот шампион, тимот на Мулти Есенс.
Домаќините, со пресврт славеа со 41:38 (20:23) и со освоените два бода го презедоа лидерското место на табелата.
Мулти Есенс сега има 22 бода, еден повеќе од Бутел Скопје. На утрешната програма се два дуела: Охрид – Алкалоид и Еурофарм Пелистер – Вардар. 11. коло ќе биде комплетирано на 30 ноември, кога од 19:30 часот ќе се сретнат екипите на Илинден и Еурофарм Пелистер 2.
Гостите во најголемиот дел од првото полувреме имаа минимална предност, па на пауза заминаа со три гола позитива, 23:20. Во периодот од 32-та до 40-та минута, ракометарите на Бутел водеа со четири до пет гола, а во водство беа до 55-та минута.
Сепак, по нерешените 38:38, домаќините со два гола во низа, двата преку Горазд Дамчевски, поведоа со 40:38 и го направија решавачкиот чекор кон победата.
Токму кадетскиот репрезентативец Дамчевски беше најефикасен во победничкиот табор, а воедно и на натпреварот, со 12 гола, девет додаде Јаков Трајковски, осум имаше Ангел Кленковски, додека Матео Костоски и Јован Петрески имаа по пет успешни реализации.
Кај Бутел, Трајче Костов беше најефикасен со девет погодоци, а шест имаше Лука Јовиќ.
ТАБЕЛА
