„Супер лигата си носи свој товар, а јас се надевам дека го направив вистинскиот чекор“

452

Суперлигашот Куманово денеска се пофали со петтото засилување за вториот дел од натпреварувачката сезона 2024/25. Станува збор за младиот кружен напаѓач Стефан Лазаревски, кој за првпат ќе има можност да ги покаже своите квалитети во најквалитетното натпреварување во Македонија.

Лазаревски во својата кариера беше дел од младинските категории на Драчево, Будимир, Аеродром, Вардар и Голден Арт каде во својата возрасна категорија бележи одлични настапи и игра на високо ниво на ракометните терени.

Младиот ракометар смета дека трансферот во Куманово е голем чекор во неговата кариера и очекува со настапите во суперлигашкото друштво да стекне големо искуство.

,,Причината за потпишувањето за Куманово беше тоа што препознав амбициозен клуб чиј што стручен штаб ќе придонесе за мој поголем развој во кариерата. Супер лигата си носи свој товар, очекувам со помош на моите повозрасни, поискусни и интернационални колеги да го совладам тој товар и што поскоро да созреам како играч. Ова се моите очекувања, а јас се надевам дека го направив вистинскиот чекор. Со оглед на стручниот штаб со кој што ќе работам и амбициите на Куманово искрено се надевам дека ќе биде моја отскочна даска како и за многу мои колеги. Точно дека сум се развивал во многу клубови и од секој клуб носам искуство, знаење и убави спомени”, изјави Лазаревски.

Куманово претходно се засили со средниот бек од Хрватска, Лука Матчиќ, како и со тројцата Бразилци – десниот бек Гиљерме Да Силва Фернандес, левиот бек Џанкарло Фепипе Хен и кружниот напаѓач  Жоао Виктор Соарес Флорес.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе