Репрезентативецот на Србија и довчерашен член на Загреб, Милош Кос, својата кариера во странство ќе ја продолжи во бундеслигашот Ерланген.
Левиот бек беше суспендиран од Загреб поради предизвикување физички инцидент во соблекувалната на хрватскиот шампион по натпреварот со Нант во рамки од 9. коло од ЛШ.
Србинот денеска за првпат, преку соопштение до јавноста, се огласи за инцидентот и изрази жалење за настанатата ситуација.
,,Се надевам дека 2025 година за мене ќе биде подобра од претходната. Зад мене е тежок период во кој имаше време да се преиспитам и да жалам за постапката што ја направив. Ја користам оваа прилика јавно да му се извинам пред сѐ на мојот пријател со кој пораснав и во Љубушки и во Загреб, Матеј Мандиќ. Му посакувам брзо закрепнување, се надевам дека што поскоро ќе биде подготвен да брани и дека ќе има одличната кариера каква што заслужува. Сакам да им се извинам и на моите поранешни соиграчи, но и да ви се заблагодарам за поддршката што ја добив од првиот ден кога го облеков дресот на Загреб. Им благодарам на луѓето од клубот, на сите тренери и навивачи за сѐ во изминатите две години. Загреб го чувствував како мој клуб, место каде добив шанса да играм со најдобрите и можам да го разберам негодувањето и гневот по сѐ што се случи во соблекувалната тој ден по натпреварот со Нант. Направив голема грешка, а ова за мене е една голема животна лекција што очигледно морав да ја научам. Имам 22 години, има сезони и сезони во кои ќе се трудам да останам запаметен како добар спортист, но пред сѐ како човек”, стои во дел од соопштението на Кос.
Против Кос пред извесен период беше поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство во Загреб, а голманот Матеј Мандиќ, кој беше удрен со тупаница во главата од Кос, изјави дека Србинот ќе одговара за своите последици.