Работнички го збриша Вардар, МЗТ со камата му наплати на Чаир

41

Екипата на Работнички во натпревар од 16. коло од прволигашката конкуренција немаше никакви проблеми против последнопласираниот Вардар, триумфираше со 112:73.

Избраниците на Горан Самараџиев уште во самиот старт влегоа во ритам, имаа предност од 35:18 во првата четвртина и на пауза заминаа со 64:26. Поради високата разлика, во еден период Работнички се опушти, па така Вардар ја доби третата четвртинаа со 27:22 и тоа беше сѐ што направи на овој натпревар.

Најдобар поединец кај Работнички беше Стојан Ѓуровски, кој зад своето име запиша 21 поен, а кај Вардар се истакна Хусеин Бајрам со 14 поени.

Актуелниот шампион МЗТ Скопје на свој терен славеше над Чаир со 86:74 покажувајќи дека поразот од првото соочување било само лош ден. Уште на полувреме, при предност на аеродромци од 52:31,  јасно беше дека Чаир нема никакви шанси да направи нешто повеќе, па така мораше да се бори за помал пораз.

Андреј Магдевски беше прво име кај шампионот со 14 поени, додека кај Чаир се истакна Ајзеа Кели со 19 поени.

Куманово им се врати на победите, откако на гостувањето во Гостивар кај истоимената екипа дојде до триумф од 62:56. Гостивар во текот на целиот натпревар парираше, но гостите беа повеќе пофокусирани во клучните моменти.

Урош Луковиќ беше најдобар кај Куманово со 16 поени, пред Тадиќ со 13 и Радукиќ со 12 поени, додека кај Гостивар, Елис имаше 20, а Соколов 10 поени.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе