Селекторот на машката младинска репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ, го објави списокот на ракометари за претстојната ЕХФ недела. Македонија ќе игра на мини турнир во полскиот град Олецко, а Стојановиќ ќе може да смета на 17 ракометари, еден од нив е левото крило на Прилеп, Давид Трајкоски, кој игра во одлична форма во суперлигашката конкуренција.
Прилепчанецот во минатата сезона беше во изборот за најдобар млад ракометар, посебно импресионираше со одличните партии против најдобрите клубови, имаше добри настапи и во младинската лига, додека во тековната сезона игра на далеку подобро ниво во најквалитетното натпреварување во Македонија.
Освен Трајкоски, шанса во Полска ќе имаат и средниот бек Ѓорѓе Ѓуриќ (Младост Богданци) и голманот на кадетската репрезентација, Ѓорѓи Николовски (Мулти Есенс). И двајцата, како и Трајкоски, се вбројуваат меѓу надежите на македонскиот ракомет.
Стојановиќ за ЕХФ неделата нема да може да смета на неколку играчи кои ќе имаат обврски со сениорската репрезентација.
Македонија на 13 март ќе игра против Полска, додека еден ден подоцна избраниците на Стојановиќ ќе се соочат со Алжир. Пријателските натпревари со двете репрезентации се дел од подготовките за настап на младинскиот Мундијал во јуни.