Поранешната ракометарка Викторија Мурговска, која живее и работи во Швајцарија, моментално е во родната Битола. Токму краткиот одмор во градот на конзулите ќе го искористи и за гледање на женската сениорска репрезентација на Македонија.
Ракометарките в сабота во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе го одиграат реваншот против Полска и ќе бркаат минус четири негатива за мундијалска виза.
Мурговска има работено и како тренер во ЖРК Пелистер и во нејзината школа РШ „Винда“, која успешно функционира во работата со младите категории, а во Пелистер ги има тренирано репрезентативките – сестрите Марија и Ангела Јанкуловски, додека со Симона Маџовска има играно во Феникс.
,,Многу сум среќна што токму овој викенд се наоѓам во Битола. Настанот е од големо значење за женскиот ракомет во градот. Како девојче, немав можност да гледам женски репрезентативен ракомет на домашен терен, во Битола. Затоа упатувам искрена благодарност до Ракометната федерација на Македонија и до сите организатори што овозможија овој важен натпревар да се одржи токму во Битола – град со богата ракометна традиција и верна публика. Убедена сум дека девојките од Ракометната школа „Винда“, како и младите ракометарки од ЖРК Пелистер, ќе бидат дополнително мотивирани од присуството на нашата репрезентација. На репрезентативките и на стручниот штаб им посакувам многу успех и силна верба – поразот од четири гола, со паметна игра и со храбри срца, може да се надомести. Искрено се надевам дека сите љубители на ракометот ќе ја исполнат салата и ќе дадат поддршка на нашите девојки. Овој натпревар има особено значење за мене, бидејќи на теренот ќе настапат мои поранешни соиграчки и ракометарки што сум ги тренирала, а на трибините ќе навивам заедно со моето семејство и со моите млади и талентирани ракометарки од РК „Винда“ и ЖРК Пелистер“, изјави Мурговска.
На домашната сцена, Мурговска беше дел од тимовите на Феникс, Пелистер, Гевгелија и Жито Прилеп, додека на интернационално ниво ги носеше дресовите на Хорсенс од Данска и Ротвајс Тун од Швајцарија.
Натпреварот меѓу Македонија и Полска ќе се одигра со почеток од 19:00 часот.