Старо-новиот шампион Еурофарм Пелистер, второпласираниот Вардар, третопласираниот Алкалоид и Охрид, кој заврши на 4. позиција, обезбедија сигурен пласман во Европа. Петтопласираниот Тиквеш би можел да учествува во Европскиот куп преку вајлд-карта, но сè ќе зависи од бројот на пријавени екипи во третото по ранг европско натпреварување.
Бидејќи Македонија нема загарантирано место во Лигата на шампионите, сосема е извесно дека Еурофарм Пелистер ќе аплицира за вајлд-карта. Битолчани во штотуку завршената сезона беа дел од европската елита, местото го обезбедија со вајлд-карта, играа во групната фаза, но немаа многу среќа за пласман во следната рунда.
Доколку битолчани повторно успеат да влезат во кругот на најдобрите 16 екипи, тогаш по третпат по ред ќе играат во Лигата на шампионите. Ако не обезбедат вајлд-карта, тогаш пелистерци ќе бидат дел од Лигата на Европа и таму ќе стартуваат директно од групната фаза, односно ќе ги прескокнат квалификациите.
Ваквиот расплет на настаните му носи квалификации на Вардар за пласман во групната фаза од Лигата на Европа, па така „црвено-црните“ ќе навиваат Еурофарм Пелистер да учествува во ЛШ, за да можат тие да ги прескокнат квалификациите.
Алкалоид, со освоениот трофеј во Европскиот куп, има право да игра квалификации за Лигата на Европа. Ако одлучи да не ја искористи таа можност, тогаш втора сезона по ред ќе игра во Европскиот куп, каде што претставник на Македонија ќе биде и Охрид.