Утре стартува Светското младинско ракометно првенство (до 21 година) што ќе се игра во Полска, а македонската репрезентација предводена од селекторот Раде Стојановиќ ќе биде една од 32-те учеснички на ова големо младинско натпреварување.
Нашата селекција се наоѓа во групата Ф, каде ќе се соочи со селекциите на Фарски Острови, Исланд и Романија. Според системот на натпреварување, двете најдобро пласирани репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната рунда. Доколку Македонија избори едно од првите две места, во следната фаза ќе игра со најдобрите две репрезентации од групата Е, каде се наоѓаат Данска, Франција, Мексико и Мароко.
Освен Македонија, од поранешна Југославија ќе учествуваат уште Словенија, Хрватска и Србија. Бранител на титулата е силната селекција на Германија, која на последниот младински Мундијал во 2023 година ја совлада Унгарија во финалето.
Нашата селекција ќе биде ослабена со отсуството на Самоил Ристевски и Дамјан Митев, двајцата поради повреда нема да можат да им помогнат на своите соиграчи.
Македонија ќе ги одигра сите натпревари во Катовице, град кој заедно со Плоцк, Келце и Сосновец ќе биде домаќин на најдобрите млади ракометни сили.
Билетите за натпреварите се достапни по симболична цена од 150 денари, а заинтересираните може да ги купат ТУКА.
Под водство на искусниот селектор Стојановиќ и со срцето што секогаш го покажуваат на теренот, младите „лавови“ ќе се обидат да ја продолжат традицијата на успешни настапи на големите натпреварувања, но и ќе се обидат да го направат најголемиот историски успех.
По освоеното 9. место на Европското младинско првенство минатата година и Светското кадетско во 2023 година, македонската репрезентација на овој Мундијал цели кон пласман меѓу најдобрите осум, со надеж и за можно изненадување.
Распоред на натпревари на Македонија:
18/06, 14:00, Македонија – Фарски Острови
19/06, 14:00, Македонија – Романија
21/06, 14:00, Исланд – Романија
Состав на Македонија: Иван Галевски, Давид Брестовац, Ненад Белистојаноски, Дамјан Субашевски, Томислав Димковски, Славчо Шулевски, Андреј Стојановски, Марио Стојановски, Јован Даневски, Давид Димевски, Мирче Калајџиоски, Александар Петковски, Валентин Карасманакис, Димитар Узунчев, Борјан Дамјаноски, Андреј Глигоров, Тодор Узунчев и Дејан Михајловиќ .
*Единствен интернационалец е Борјан Дамјановски од Грац (Австрија)
Групи:
Група А: Норвешка, Полска, Словенија, Уругвај
Група Б: Австрија, Унгарија, Аргентина, Бразил
Група Ц: Шведска, Јапонија, САД, Јужна Кореја
Група Д: Португалија, Хрватска, Алжир, Канада
Група Е: Данска, Франција, Мексико, Мароко
Група Ф: Македонија, Фарски Острови, Исланд, Романија
Група Г: Германија, Тунис, Србија, Швајцарија
Група Х: Шпанија, Египет, Бахреин, Саудиска Арабија
Натпреварите од главната фаза, односно осминафиналето, ќе се одиграат од 23 до 24 јуни, потоа следуваат четвртфиналните битки (26 јуни), полуфиналните дуели ќе бидат на 27 јуни, а завршницата на 29 јуни.
ИХФ ги потцени нашите надежи: Нема македонски ракометар меѓу 10-те најголеми таленти на СП