Драгица Митрова кажа крај: Чувствувам дека дојде време да се повлечам

826

Поранешната репрезентативка на Македонија, Драгица Митрова, одлучи да ја заврши кариерата и во иднина ќе биде посветена само на приватните обврски.

Гевгеличанката, која во 2022 година замина на Малта и таму настапуваше за Феникс, ќе продолжи да живее на островската земја.

„По подолго размислување решив да ставам крај на моите активности во ракометот. Зад мене се две успешни сезони во малтешкиот клуб Феникс, со освоени по две титули во Купот и шампионатот, а горда сум што стигнавме и до третото коло во ЕХФ Купот, со што испишавме историја на малтешкиот ракомет. Паралелно, како тренер на младинските категории имав чест да предводам генерација која освои шампионски титули и куп-трофеи. По сите овие убави моменти и големи предизвици, чувствувам дека дојде време да се повлечам и да заминам на заслужен одмор од ракометните активности. Сакам да изразам огромна благодарност до сите соиграчи, колеги, навивачи и пријатели кои беа дел од ова патување“, изјави Митрова за Спортска Димензија.

Во Македонија, освен за Гевгелија, Митрова настапуваше и за Кабран Амбалажа од Кавадарци и Металург. Со тимот на Металург освои неколку домашни титули и Куп трофеи, а пред заминувањето на Малта во својот роден град работеше со младите категории.

37-годишната Митрова најголемиот успех на европската сцена го имаше со Металург, кога со тогашниот македонски шампион стигна до полуфиналето во Челинџ Купот.

Феникс беше нејзиниот прв и единствен интернационален предизвик, каде што покрај играчката кариера доби можност да работи и со младите генерации. Во сезона 2023/24 беше прогласена за МВП во шампионатот на Малта.

Интересно е тоа што Драгица Митрова беше меѓу првите кадетски репрезентативки на Македонија од Гевгелија, а подоцна го облече и сениорскиот дрес. Таа беше дел од генерацијата која ја урна силната Франција (тогаш светски вицепрвак) на Кале и избори пласман на Европското првенство во Србија 2012.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT