На првиот ден на 10. издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп победа остварија домаќините и Еурофарм Пелистер 2.
Прилеп предводен од голманот Иван Ангелески триумфираше над Бутел Скопје со 33:28 (20:14). Ангелески беше клучната фигура во победа на домашниот тим и натпреварот го заврши со дури 18 одбрани.
Тренерот Наум Танески шанса им даде на поголемиот број играчи, а се истакна Димитар Димитриоски со седум погодоци, како и тројцата играчи кои играа одлично во изминаните две сезони – Владан Кастратовиќ, Денис Шабановиќ и Томислав Квастек, сите тројца запишаа по пет погодоци.
Кај Бутел Скопје најдобри беа Димитар Узунчев и Дамјан Субашевски со по пет погодоци.
Еурофарм Пелистер 2, кој по едногодишна пауза се враќа во Супер лигата, високо го порази Пролет со 27:16 (10:7).
Се мина во знакот на битолчани, кои на овој дуел беа предводени од Азис Махфуд со шест и Баптист Одифред со пет погодоци.