Поранешна ракометарка кандидат на локалните избори во Куманово: Наташа Ѓорѓевиќ во трка за советничко место
Поранешната репрезентативка на Македонија, Наташа Ѓорѓевиќ (Младеновска), на претстојните локални избори ќе биде кандидат за советник во Општина Куманово.
Ѓорѓевиќ, која во својата клупска кариера настапуваше за Куманово, Еуростандард Ѓорче Петров, Кометал Ѓорче Петров, Кале Кичево и Металург, одлучи своето спортско и професионално искуство да го пренесе во политиката, како кандидат на независната советничка листа предводена од доктор Иван Петковски.
На репрезентативно ниво, со Македонија го освои седмото место на Европското првенство во 2008 година и беше дел од генерацијата која ја урна силната Франција (тогаш светски вицепрвак) на Кале и избори пласман на Европското првенство во Србија 2012.
„Ако некој знае што е одговорност, дисциплина, одлучност и фер-плеј, тогаш тоа е спортист“, велат пријателите на Ѓорѓевиќ.
Екс репрезентативката денес професионално работи како дефектолог, а доколку влезе во советничките клупи, сака да даде придонес за унапредување на спортот, здравствената заштита, социјалната поддршка…
Ова се осмите по ред локални избори во Македонија, на кои ќе се избираат градоначалници и советници во сите 80 општини и во Градот Скопје.
Куманово, како една од најшареноликите општини во земјава, традиционално нуди интересни политички битки за советничките места, но и за прв човек на градот.
Листата на Петковски ќе има и свој кандидат за градоначалник, а тоа ќе биде Горан Стојковски -Диро, кој, според поддржувачите, ужива солидна поддршка кај младиот кумановски електорат.
Првиот круг од локалните избори ќе се одржи на 19 октомври.