Ракометната легенда и поранешен репрезентативец на Франција, Никола Карабатиќ, освојувач на три олимписки, четири светски и четири европски титули, ги изненади ракометните љубители со објавувањето на својата автобиографија „Мојата најубава победа“, во која фокусот не е ставен на медалите, туку на неговата најтешка лична битка.
Во книгата, славниот Карабатиќ открива дека во 2022 година доживеал сериозна здравствена и психолошка криза, по која паднал во депресија и бил далеку од терените. Имено, за време на загревањето пред еден натпревар, Карабатиќ одеднаш почувствувал дека нешто не е во ред, видот му се заматил, ја изгубил стабилноста и силно реагирал на бучавата во салата. Иако првичните сомнежи биле за потрес на мозокот, лекарските прегледи не успеале да утврдат јасна дијагноза.
Следел најтешкиот период во неговиот живот, па наместо во салата, спасот го пронашол во природата, тишината и работата на себе, што му помогнало повторно да се издигне и да се врати посилен.
По тешкиот период во 2022, тој освојува сребрен медал на Светското првенство во Полска и Шведска (2023) и злато на Европското првенство во Германија (2024).
Автобиографијата е искрена исповед за ранливоста, менталното здравје и самоспознавањето, а Карабатиќ порачува дека токму прифаќањето на сопствените слабости била неговата најголема победа – поголема од сите трофеи.