Еден од тимовите кои се на добар пат да обезбедат пласман во плеј-оф фазата во суперлигашкото друштво, Тиквеш, експресно најде замена за кружниот напаѓач Јан Тајник. Во редовите на кавадаречкиот клуб пристигнува младиот Стефан Јовевски, кој од вториот дел од минатата сезона беше дел од Пролет, претходно настапуваше за Бутел Скопје, а потекнува од школата на Илинден, пренесува, 24Ракомет. Кавадарчани есенскиот дел од сезоната го завршија на петтото место со 18 бода и имаат големи шанси повторно да се најдат меѓу најдобрите шест екипи, односно да разигруваат за титулата напролет и да се борат за пласман во Европа.
Младинците на Еурофарм Пелистер 2 се есенски шампиони во младинската лига во машка конкуренција. Битолчани во последното коло за оваа година славеа на гостувањето кај незгодниот Куманово со 35:27 (17:14), а во победата беа предводени од Александар Славков со девет погодоци, како и од Алдин Фехми и Андреј Дамчевски, кои имаа по осум успешни реализации во мрежата на домашниот тим. Еурофарм Пелистер 2 и Мулти Есенс имаат по 26 бода, но младите битолчани беа подобри во првата меѓусебна пресметка, па така есенскиот дел од сезоната го завршуваат на лидерската позиција.
Новакот на ракометната мапа во Македонија – Алтетик, перфектно ја заврши полусезоната, без загубен бод во прволигашката женска конкуренција. Скопскиот тим веќе може да прави суперлигашки планови за следната сезона, бидејќи покажа дека нема вистинска конкуренција. Во составот на Алтетик настапуваат и репрезентативки од сите возрасни категории.