Лазаров: Сите клубови треба да инвестираат во младинските категории

201

Машката ракометна репрезентација на Македонија настапот на Европското првенство 2026, на кое Данска стана нов европски првак, го заврши на 14. позиција.

Иако не успеа да се пласира во главната фаза, Македонија остави позитивен впечаток со своите настапи. Поразот од Данска во првото коло беше очекуван, а избраниците на селекторот Кирил Лазаров во второто коло одиграа храбро против силната Португалија, која на крајот го освои петтото место, и успеаја да изборат реми.

Во последното коло од групната фаза македонските ракометари триумфираа над Романија. Освоеното 14. место за Македонија значи играње само еден бараж-двомеч за пласман на Светското првенство 2027, кое ќе се одржи во Германија.

Селекторот Кирил Лазаров вчера беше гостин во отвореното студио на МРТ, каде што се осврна и на работата со младинските категории.

„Ние мораме да работиме со младинските селекции. Сите клубови треба да инвестираат во нив, бидејќи само така можеме да градиме иднина“, изјави Лазаров.

Во оваа натпреварувачка сезона, четири суперлигаши немаат тимови во младинската лига.

Македонија за пласман на Светското првенство 2027 ќе се бори со подобриот од дуелот меѓу Словачка и Украина.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT