Младинскиот тим на Еурофарм Пелистер ќе игра во финалето на квалификацискиот турнир од младинската Лига на шампиони во Пореч, откако во полуфиналето славеше над Алборг со 24:23.
Во дресот на македонскиот тим феноменална партија имаше десното крило Андреј Георгиев, кој одигра речиси без грешка и натпреварот го заврши со 12 погодоци од 13 обиди.
Георгиев во изјава за „Спортска Димензија“ ги сподели импресиите по триумфот над данскиот тим.
„Клучот за победата беше тимската игра и колективот. Одигравме тимски во текот на сите 60 минути, зрело во клучните моменти, а за одличната партија бев мотивиран од соиграчите и очекував вакво издание. Им благодарам на сите кои нè поддржаа од трибините, ни беа ветер во грб.“
Пелистерци во финалето ќе играат против Фуксе Берлин, а утрешното соочување на битолчани и бундеслигашот е закажано со почеток од 16:30 часот.
Победникот од финалниот дуел ќе патува на Ф4 турнирот од ЛШ во Келн.