Актуелниот освојувач на пехарите во Купот на Македонија и Супер Купот, и моментално лидер во суперлигашката конкуренција, тимот на Алкалоид, денеска замина за Клаипеда, Литванија.
Избраниците на Кире Лазаров утре против Драгунас Клаипеда ќе го одиграат реванш мечот од втората рунда во Европскиот Куп, а на првиот натпревар, кој беше одигран минатиот викенд во Автокоманда, македонскиот тим триумфираше со 42:31.
За ракометарите на Алкалоид останува само да ја повторат играта и да го чекаат противникот во следното коло. Утрешниот натпревар е закажан со почеток од 15:00 часот.
Вториот претставник на Македонија во Европскиот Куп, Охрид, веќе пристигна во Романија, а утре составот предводен од Стевче Алушовски реванш мечот против Потаиса Турда ќе го стартува со предност од шест гола. Охриѓани на првиот натпревар пред својата публика триумфираа со 31:25.
Утрешниот натпревар меѓу Потаиса Турда и Охрид е закажан за 17:00 часот, а победникот од овој двобој ќе обезбеди пласман во третата фаза од Европскиот Куп.