Екипата на Деспина во натпреварот од 26. коло од Првата лига успеа да слави над Овче Поле Славјански Универзитет со 31:28 (15:16) пред својата публика.
Иако овој натпревар за Деспина немаше резултатско значење, мотивот за победа беше голем, со оглед на тоа што прилепчанки претходно беа поразени во двата првенствени натпревари и во еден дуел од Купот од истиот ривал.
Ракометарките на Деспина во следното, 27. коло ќе гостуваат кај Стружанка во Струга, а тоа ќе биде и нивниот последен сезонски натпревар, со оглед на тоа што во последното коло ќе бидат слободни.
Гостинките во поголемиот дел водеа, во неколку периоди од првото полувреме имаа и плус шест, но во финишот од натпреварот Деспина имаше повеќе среќа. При нерешени 28:28, домаќинките најпрво погодија преку Христоска за 29:28, потоа Пајкаровска одбрани, а на минути пред крајот Ристеска зголеми за 30:28.
Остана уште една минута, во која Пајкаровска повторно им одбрани удар на гостинките, па можеше да започне славјето на домашната екипа.
Деспина во триумфот над тимот од Свети Николе беше предводена од Маја Ристеска, која постигна 11 погодоци, додека Весна Христоска додаде седум.
Во гостинскиот состав се истакна Анастасија Сентовска со осум погодоци, Наталија Манева постигна шест, Јована Конева пет, а Јана Ристовска четири погодоци.