Македонскиот интернационалец Михаил Иваноски најверојатно ќе остане во Словенија, a според пишувањата на порталот „Handballia“, десниот бек е блиску до потпис со Горење од Велење.
Охриѓанецот во вториот дел од оваа сезона направи трансфер од Алкалоид во тимот на Ајдовшчина, клуб кој во зимската пауза го презеде македонскиот стратег Раде Стојановиќ, и беше дел од големиот успех на овој клуб.
Ајдовшчина по 30 години се врати во словенечката елита, а Иваноски со своите одлични настапи го привлече вниманието на неколку тамошни клубови, меѓу кои и Горење, па во следниот период се очекува да биде познато дали ќе дојде до реализација на трансферот.
Иваноски во дресот на Ајдовшчина одигра 14 натпревари и постигна 65 погодоци, а во неколку наврати беше дел и од идеалниот тим на колото.
23-годишниот Иваноски во Македонија, освен за Алкалоид, настапуваше и за екипите на Мулти Есенс, Охрид и Голден Арт, а во странство беше дел и од српскиот суперлигаш Дубочица.
Горење во својата клупска историја бил пет пати првак на Словенија, освоил три Куп титули, четири Супер Куп титули, а на европска сцена има настапи во сите натпреварувања – меѓу кои и во европската елита.
За македонскиот ракомет ова се добри вести, со оглед на тоа што пред неколку дена се појавија информации дека за членот на Бутел Скопје, Димитар Узунчев, интерес покажува и словенечкиот гигант Целје.