Екипата на Мега баскет од Прилеп во рамки од второлигашката конкуренција на три одиграни натпревари оствари две победи, против Академија ПМФ и МЗТ Скопје Уни Банка, а на гостувањето во Штип кај Соколи иако доби две четвртини, сепак, беше поразена. За одличниот старт на клубот, амбициите во новата сезона, за кошарката во Прилеп и на многу разни теми во интервју за Спортска Димензија зборуваше капитенот на Мега баскет, Стефан Стевананџија.
Капитенот на прилепчани ги сподели импресиите по трите одиграни натпревари во Втората лига.
„Имавме добар старт со Академија ПМФ, иако не знаевме против кого ќе играме поради нивната фузија со Струмица. На тој натпревар цел тим одигравме добро и на ниво, додека на вториот натпревар во Штип не функциониравме како тим, имавме лош старт, бевме без енергија, имаше лоша комуникација меѓу играчите, имавме и здравствени проблеми во тимот и сето тоа резултираше со слаб резултат, односно пораз. Против МЗТ Скопје бевме како нов тим, енергични, со поголема енергија, повеќе трчање, хемија, агресивна одбрана, брзи напади, одлична реализација…а покрај тоа, нѐ посака и шутот од далечина, имавме дури 14 тројки и клучен фактор за победата е тоа што ние не игравме по темпото на ривалот, туку тие играа по наше темпо.“
Прилеп долго време чека да гледа прволигашката кошарка, од сезона 2011/12 нема свој клуб во најквалитетното натпреварување во Македонија, а на прашањето кои се амбициите на Мега баскет за оваа сезона и со што би бил задоволен како капитен, Стевананџија одговори:
„Амбициите се влез во Првата лига, уште е рано сега да се зборува кои екипи се фаворити на хартија, сезоната е долга и според мене ќе биде доста изедначено. Јас на крајот од сезоната, како капитен би бил задоволен со добар пласман, најмалку да бидеме во првите четири екипи на табелата. Би посакал пред сѐ, сите да бидеме здрави, да нѐ заобиколат повредите и би бил задоволен доколку се подигне нивото на свест во градот за кошарката, но и за другите спортови, со што би ни се овозможиле подобри услови за тренирање и играње на натпревари и секако, да се реши најголемиот проблем во Прилеп, а тоа е соодветна сала за спортските клубови.“
Мега баскет во следното, 3. коло ќе гостува во Скопје кај Водно Санс, екипа која на претходните три натпревари не успеа да запише победа. Искусниот Стевананџија најавува нова, трета победа за Мега баскет, но е претпазлив за неделниот дуел, истакнувајќи дека ривалот не треба да се потцени. Доколку прилепчани триумфираат во Скопје, тогаш ќе фатат победнички ритам и победнички ќе го чекаат домашниот натпревар со вториот тим на најтрофејниот македонски клуб – Работнички, потоа следуваат соочувањата со Бутел (гости), Црн Дрим (дома), Борец баскет (дома), Охрид (гости)….
„Се надевам дека на натпреварот против Водно Санс ќе одиграме на исто ниво како на претходниот натпревар со МЗТ и дека ќе победиме со голема разлика. Сепак, никогаш не треба да го потцениш ривалот и поради тоа ќе влеземе максимално фокусирани, на секој натпревар одиме со мисла да победиме и доколку ја пружиме истата енергија и партија како против МЗТ, тогаш победата нема да биде доведена во прашање. Имаме лесен распоред и би можеле да имаме добар моментум, да влеземе во победничка серија, вели Стевананџија.“
Во Мега баскет има пет играчи од другите градови, играчи кои настапуваат со двојна лиценца, па поради тоа тренинзите ги одработуваат во своите матични клубови. Иако во Прилеп одат само за натпревари, задоволни се од атмосферата во клубот.
„Проблем е тоа што екипно не можеме да тренираме заедно, играчите кои не се од Прилеп си тренираат во нивните матични клубови, доаѓаат само за натпревари, малку е тешко воигрувањето со нив, но сите имаат желба да се докажат и моментално се задоволни, но и позитивно изненадени од интересот на прилепската публика, на првите два домашни натпревари салата речиси целосно беше исполнета. Нас само ни требаат подобри услови и поголема сала, овој град е желен за спорт и спортски успеси, истакнува Стевананџија.“
Како се справуваш со притисокот како капитен на натпреварите?
,,Одговорноста е голема како капитен, но со тек на годините и искуството, имам научено како да се справам со притисокот и како да ја водам екипата. Самото искуство како капитен, но и како тренер во младинските категории ме имаат научено како да се однесувам на теренот во различни ситуации, и кога водиме, но и кога губиме на натпревар.“
Освен што е кошаркар во Мега баскет, Стевананџија паралелно е тренер во младите категории во клубот, поточно на малите од 7 до 14 години, и професор во ООУ “Рампо Левката”. Како стигнува насекаде, одговара во продолжение:
,,Се трудам да стигнувам насекаде, да дадам сè од себе во сите сфери, имам само малку слободно време. Јас сум целосно посветен на успех во сите сфери и кога се сака сè се постигнува. Добро е што сите работи се поврзани со спортот и кошарката”.
Тој им даде совети на младите кои сакаат да започнат со кошарка и на почетниците во овој спорт.
„Младите треба напорно да тренираат и да не се откажуваат. Секој кој сака да тренира кошарка треба да следи што повеќе натпревари, со цел да се научи кошарката уште од мала возраст, пред сè концептот на игра. Во Прилеп има заинтересираност кај младите за кошарката, има интерес, но како што кажав, најголем проблем е немањето на соодветна сала, потенција Стевананџија.“
Каде се гледаш за четири-пет години?
,,Се надевам дека за неколку години ќе ја имама честа да ја предводам екипата во Првата лига, освен што се гледам како тренер на младите во иднина, исто така се гледам и како тренер на сениорската екипа.“