По победата во Струга, Тиквеш го пречекува Бутел на Стоилов

11

Еден од кандидатите за пласман во плеј-оф фазата во Супер ракометната лига, Тиквеш, утре (12 септември) пред својата публика ќе го одигра првиот домашен натпревар во новата натпреварувачка сезона. Момците на Кристијан Грчевски ќе се сретнат со Бутел, поранешниот клуб на главниот стратег на кавадарчани, а во утрешното соочување со „бутелци“ ракометарите на Тиквеш ќе атакуваат на нови два бода.

Во првото коло, кавадарчани гостуваа кај амбициозната и осетно засилена Струга и успеаја да си заминат со цел плен, откако по голема драма славеа со 28:27. Натпреварот против Бутел на Стојанче Стоилов ќе биде нова можност за Тиквеш да дојде до победа и да го задржи максималниот учинок по првите две кола.

По дуелот со Бутел, Тиквеш го очекува уште еден важен предизвик. Во третото коло следува гостување кај Прилеп, директен конкурент за место во ТОП 6, па бодовите од првите две средби можат да имаат големо значење пред меѓусебниот дуел на двата тима кои посакуваат пласман во плеј-офот, односно во разигрувањето за титулата.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Бутел ќе се одигра во спортската сала „Јасмин“, со почеток од 19:00 часот. Правдата во Кавадарци ќе ја делат браќата Дејан и Димитар Георгиевски.

ТАБЕЛА

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе