Поранешната македонска репрезентативка Елена Ливриниќ Митревска се враќа во ракометот, но во една поинаква улога. Ливриниќ Митревска успешно го помина процесот за стекнување судиска лиценца, па така во новата натпреварувачка сезона најверојатно ќе ја видиме на ракометните терени во улога на судија.
Таа во 2023 година, на 28-годишна возраст, стави крај на играчката кариера. Во Македонија настапуваше за Ѓорче Петров и ЖРК Металург, клуб во кој се афирмираше како играч, а потоа направи интернационална кариера, настапувајќи во Романија.
Таму ги носеше дресовите на Данубиус Галац, сега веќе ѕвездениот тим на Рапид Букурешт, Глорија Бузау, Слатина и Дева. Кариерата ја заврши во Сомбатељ од Унгарија. По завршувањето на кариерата се посвети на приватниот живот и по направената пауза реши дека сака да дели правда во ракометот.
На репрезентативно ниво ги мина сите младински селекции, беше дел од повеќе репрезентативни акции со сениорската репрезентација, а сега своето долгогодишно ракометно искуство ќе има можност да го пренесе на терените од една поинаква перспектива – судиската.