Голем потег на Куманово: Клубот ги задржа своите бисери

78

Екипата на Куманово за следната сезона ќе претрпи неколку промени во ростерот, но добра вест за клубот е што ќе ги задржи трите свои големи надежи.

Според информациите на Спортска Димензија, Христијан Вујичевски, Тино Стојановски и Глигор Трајковски, ракометари кои и покрај младоста веќе имаат суперлигашко искуство, и во наредната сезона ќе го носат дресот на Куманово.

Вујичевски со кадетската репрезентација на Македонија го освои златниот медал на Светското првенство во училишен ракомет, кое се одржа во Скопје, а остави добар впечаток и во квалификациите за пласман на Европското кадетско првенство. Тој е препознатлив по својата борбеност, цврстата игра во одбраната и способноста подеднакво квалитетно да придонесе и во двата правци. Кружниот напаѓач беше во ТОП 10 стрелците во младинската лига со постигнати 156 погодоци на 26 одиграни натпревари.

Покрај Вујичевски, во Куманово останува и средниот бек Тино Стојановски, кој беше втор стрелец во младинската лига со 224 погодоци на 28 одиграни натпревари. Неговата брзина, прегледот на играта и способноста да ги разигрува соиграчите го прават еден од најдобрите играчи од својата генерација (2008).

Меѓу оние кои и во следната сезона ќе го бранат голот на Куманово е и поранешниот кадетски репрезентативец Глигор Трајковски. Голманот, кој покрај настапите за Куманово стекнуваше искуство и во Мулти Есенс, со своите одбрани покажа дека е голем потенцијал, а во новата сезона ќе има можност уште повеќе да ги потврди своите квалитети.

Куманово во изминатата сезона оствари забележителни резултати во младинските категории. Младинскиот тим обезбеди пласман во плеј-оф фазата, додека пионерите го освоија третото место во својата група и стигнаа до четвртфиналето, каде што за малку останаа без место на Ф4 турнирот. Токму ваквите резултати се потврда за квалитетната работа со младите ракометари, кои чекор по чекор добиваат сѐ поголема доверба и минутажа во сениорскиот тим. Задржувањето на Вујичевски, Стојановски и Трајковски е јасен сигнал дека клубот ќе продолжи да ја гради својата иднина врз сопствениот кадар.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT