Македонска репрезентативка пред потпис со ЖРК Вардар

122

Поранешниот шампион на Македонија, ЖРК Вардар, полека го комплетира ростерот за новата сезона, во која покрај настапите во домашниот шампионат ќе се натпреварува и на европска сцена.

Според информациите на Спортска Димензија, пред потпис со „црвено-црните“ се наоѓа една од најталентираните македонски ракометарки и кадетска репрезентативка, Анастасија Тодоровска (десен бек, генерација 2008).

Битолчанката зад себе имаше одлична сезона во дресот на Пелистер. Во Женската лига беше меѓу најефикасните ракометарки, постигнувајќи 156 погодоци, додека во младинската конкуренција заврши на второто место на листата на стрелците со 52 постигнати гола.

Тодоровска на репрезентативно ниво со Македонија го освои сребрениот медал на Светското првенство во училишен ракомет. Вардар досега како засилување ја промовираше голманката Марија Дуновска (Стружанка), исто така кадетска репрезентативка на Македонија, а раководството на клубот во изминатиот период ја продолжи соработката со речиси сите ракометарки од вардаровиот колектив.

Вардар и понатаму останува доследен на својата стратегија за развој и афирмација на младите ракометарки. „Црвено-црните“ веќе подолг период систематски инвестираат во својата младинска школа, создавајќи силна база на талентирани домашни ракометарки кои постепено добиваат шанса и во сениорскиот тим.

Токму затоа не е изненадување што голем дел од актуелните младински репрезентативки на Македонија се дел од вардаровиот систем, што уште еднаш ја потврдува успешната работа на клубот во развојот на идните репрезентативни надежи.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT