Голманката Симона Спиркоска по една сезона мината во Пелистер реши да ја напушти Битола, откако двете страни не постигнаа договор за продолжување на соработката.
Прилепчанката, која во Пелистер пристигна од штипски Астибо, клуб во кој ја стекна својата вистинска афирмација, одлучи дека е време за нов предизвик и ново искуство во кариерата, потврди голманката за Спортска Димензија.
Пелистер во сезоната зад нас не успеа да го задржи суперлигашкиот статус. Битолчанки го загубија бараж дуелот против Ѓорче Петров МРК и во следната сезона ќе се натпреваруваат во Првата лига.
И покрај испаѓањето, клубот испрати позитивен сигнал за својата иднина бидејќи настапи на завршниот Ф4 турнир од Купот на Македонија со млад состав, а младите ракометарки покажаа дека клубот располага со квалитетна генерација на која може да се потпира во наредните години.
Токму затоа, во Битола нема причина за загриженост кога станува збор за иднината на клубот.