Денеска пристигнаа убави вести од ЕХФ за македонскиот ракомет и за кавадаречки Тиквеш. Екипата на Тиквеш повторно ќе се натпреварува на европската сцена, откако ЕХФ позитивно одговори на поднесената апликација за вајлд-карта за настап во третото по ранг европско клупско натпреварување – Европскиот Куп, кој во штотуку завршената сезона го освои тимот на Охрид.
Во изминатата сезона, тимот од Кавадарци заврши на 6. позиција во Супер лигата, а со пласманот во плеј-оф сегментот бепе исполнета зацртаната цел на клубот. Ракометарите на Тиквеш сега четврта сезона по ред ќе настапуваат во Европа и ќе имаат убава можност да стекнаат драгоцено исксутво.
Во овој период, раководството на клубот активно работи на комплетирање на ростерот за претстојната сезона. Досега беа промовирани три засилувања – Тоше Ончев и Борјан Цековски, кои пристигнуваат од Куманово, како и тунискиот интернационалец Мохамед Азиз Бен Махфуд, кој во Кавадарци доаѓа од Еурофарм Пелистер 2.