Во периодот на летните трансфер активности, уште еден млад македонски ракометар е пред интернационален предизвик. Голманот Михаил Ангелески е на добар пат кариерата да ја продолжи надвор од Македонија, дознава Спортска Димензија.
Ангелески зад себе веќе има суперлигашко искуство, откако настапуваше за Прилеп, каде што доби можност да се докажува во суперлигашката конкуренција. Со своите настапи покажа дека станува збор за еден од најперспективните млади голмани во Македонија, па не изненадува интересот што го привлече од клубови надвор од земјата.

Прилепчанецот беше на мета на неколку домашни клубови, но најконкретен интерес за неговите услуги покажаа клубови од Шпанија. Доколку сè се реализира според очекувањата, Ангелески ќе го направи првиот интернационален трансфер во својата кариера и ќе има поголема можност да стекне искуство повеќе.
Добрите партии во дресот на Прилеп му донесоа и место на поширокиот список на македонската кадетска репрезентација за настап на Европското првенство во Црна Гора во 2024 година. Во вториот дел од сезона 2024/25 направи трансфер од Прилеп во Мулти Есенс, но неговата улога во Автокоманда беше краткотрајна и сега е подготвен за нов чекор во кариерата.
Прилепчанецот дел од својата кариера ја мина и во Битола, каде што настапуваше за младинските категории на Еурофарм Пелистер 2, стекнувајќи дополнително искуство и напредувајќи низ младинските селекции на битолскиот клуб.