Во натпреварот за 5. место на 11. издание на меморијалниот ракометен турнир „Миле Нешкоски“ се сретнаа Младост Богданци и Бутел, а на победа се радуваше Бутел со 32:30 (19:15). За младиот скопски тим ова беше втор настап на подготвителен турнир, по оној во Струга, каде што исто така имаше можност да ги одмери силите со квалитетни противници.
Бутел во новата сезона влегува со амбиции да биде конкурентен во Супер лигата, односно да ја продолжи традицијата, а тоа е пласман во плеј-офот, а според прикажаното на турнирите во Струга и Прилеп, составот има потенцијал да биде незгоден ривал за секоја екипа.
Тимот од Скопје главно е составен од ракометари кои настапуваат во младинските категории на Македонија, надополнети со неколку поискусни играчи. Токму комбинацијата на младост и искуство може да биде еден од адутите на Бутел во претстојната сезона.
Младост Богданци, пак, по неколку сезони се враќа во Супер лигата и во најсилната конкуренција ќе има за цел да обезбеди стабилен статус и подолг престој меѓу најдобрите македонски екипи. Двете екипи во Прилеп имаа можност да ги согледаат своите маани и недостатоци, но и да видат на кои сегменти од играта треба дополнително да работат пред стартот на сезоната.
Во натпреварот за 3. место ќе се сретнат Мулти Есенс и Еурофарм Пелистер 2 од 18:00 часот, додека финалето меѓу домаќинот Прилеп и Тиквеш е закажано за 20:00 часот, по што ќе се знае кој ќе биде новиот освојувач на ракометниот турнир во Прилеп.