Македонскиот ракометен шампион Вардар, откако од оваа сезона на располагање во својот состав ги има кадетските репрезентативци Бобан Поповски и Марко Ѓорчески, како и Никола Нечовски, кој беше прекомандуван од младинските категории, наскоро клубот треба да добие уште еден млад играч.
Од 2027 година, во тимот предводен од Иван Чупиќ треба да биде и голман од внатрешноста на државата, а наскоро се очекува да биде познато и за кого станува збор. Според информациите на Спортска Димензија, се работи за талентиран голман кој настапува во младинските категории, но истовремено има искуство и со настапи во Првата лига, како и освоени индивидуални признанија во младинските лиги.
Стручниот штаб на Вардар веќе имал можност да се увери во квалитетите на младиот голман, кој бил на дел од подготовките со „црвено-црните“, па неговите способности не се непознати за тренерот Иван Чупиќ и неговите соработници.

Вардар чекор по чекор продолжува да дава шанса на младите ракометари, а тоа најдобро го покажува и примерот со Поповски, Ѓорчески и Нечовски.
Во Вардар очигледно продолжуваат да размислуваат и на иднината, со постепено вклучување на младите ракометари во работата со првиот тим, а пристигнувањето на уште еден млад голман би било дополнителен чекор во таа насока.
Засега, шампионот на располагање на голманската позиција ги има Милош Валах и Васил Гогов, додека Милан Бомбаштар поради повреда отсуствува од ракометните терени.