Виктор Ѓорѓиевски „гази“ во кадетската лига, Преспа дојде до првиот триумф

433

Еден од најталентираните играчи во кадетската лига, членот на Преспа, Виктор Ѓорѓиевски, ја надмина бројката од 50 гола по четири одиграни натпревари. Во 4. коло, против Пролет, имаше дури 16 успешни реализации.

Преспа пред својата публика славеше над Пролет со 29:25, а 16-те погодоци на Ѓорѓиевски се покажаа како клучни за клубот од Ресен да се израдува на првиот сезонски триумф во кадетската конкуренција. Во претходното коло, против Еурофарм Пелистер, Ѓорѓиевски постигна десет гола, во 2. коло, против Алкалоид, запиша 13, додека на стартот на сезоната, против Прилеп, беше уште поефикасен со 18 погодоци.

Ѓорѓиевски на четири натпревари постигна вкупно 57 гола, односно во просек 13,5 по натпревар и засега е лидер на листата на стрелците. Зад него е Филип Коцев од Пролет со 40 гола, во просек по десет на натпревар, што ги издвојува двајцата како играчи чии настапи вреди да се следат во продолжението од сезоната.

Еурофарм Пелистер е единствениот тим од групата А со максимален учинок од четири победи на четири натпревари. Кадетскиот тим на „двојката“ од Битола засега е второпласиран во групата со пет бода. Струга, Алкалоид и Пролет имаат по четири, додека Прилеп, кој има и натпревар помалку, е на три бода. Преспа со победата над Пролет дојде до два бода, а Тиквеш е без освоен бод, но кавадарчани во моментов играат во Прилеп кај истоимениот тим, па можно е да ги освојат првите бодови во новата натпреварувачка сезона.

Кадетска машка лига, 4. коло, резултати:

Група А
Преспа – Пролет 29:25 (13:13)
Виктор Ѓорѓиевски 16/Марио Поповиќ 10
Струга – Еурофарм Пелистер 2 31:18 (17:9)
Матеј Ковачески 7/Иван Светиев 4, Марко Гламновски 4
Алкалоид – Еурофарм Пелистер 24:33 (12:12)
Меглен Канзуров 5/Иван Колеќески 9
11.10, 15:30 часот – Прилеп – Тиквеш

Од групата Б, викендов се одигра само еден натпревар. Во Велес, кадетскиот тим на Вардар немаше поголеми проблеми да стигне до победата, триумфирајќи со 41:27. „Црвено-црните“ до убедливиот триумф стигнаа благодарение на одличната игра во второто полувреме. За младите вардарци ова беше втора победа, по она во 2.  коло против Текстилец. За одбележување е одличната партија на голманот на Вардар, Алекс Трајановски – 15 одбрани за 31 мин. меѓу стативите.

Комплетните резултати од 4. коло во групата Б, како и ситуацијата на табелата, ќе ги објавиме по комплетирањето на колото.

Група Б
Гемиции – Вардар 27:41 (14:21)
Андреј Јакимовски 8/Никола Никчевиќ 9
12.10, 12:00 часот – Младост – Мулти Есенс
12.10, 12:00 часот – Македонија ЃП – Куманово
Текстилец – слоб.

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе