„Бараме да играме во топли сали“

153

Вицешампионот Пелистер упати официјално барање до кошаркарската куќа на Македонија, во кое битолчани бараат да бидат исполнети сите пропозиции за натпреварување во остатокот од натпреварувачката сезона 2024/25.

Барањата најмногу се однесуваат на техничките услови за играње и пропозициите – температура во салите каде што се играат натпреварите од прволигашкото друштво, како и делегирањето на судии.

 

„Почитувани,

КК Пелистер денес испрати официјално барање до КФСМ со една и единствена цел, во вториот дел од сезоната целосно да бидат исполнети пропизициите за натпреварување.

Конкретно, станува збор за делот од пропозициите што се однесува на температурата во салите и останатите технички услови за одигрување на еден натпревар. Сакаме веднаш да ставиме до знаење, нашето барање не се однесува против било кој клуб или федерација. Мотивот е едноставен, сметаме дека ако кошарката во 2025 година треба да тргне во вистински правец, прв чекор мора да бидат токму основните предуслови за одигрување на средбите, без разлика на годишното време во кое се играат.

Сметаме дека здравјето на играчите треба да биде приоритет на сите клубови, впрочем несакани повреди на кошаркарите ќе чинат поскапо од загревање на салите за одигрување на прволигашките натпревари. Исто така, навивачите кои ги бодрат сите клубови заслужуваат да имаат нормални услови за да ги гледаат кошаркарските натпревари во Првата лига.

Во нашето барање до федерацијата, во кое се бара само почитување на правилата кои се веќе пропишани од КФСМ, јасно ставаме до знаење дека ако салата во која ќе гостуваме не ги исполнува предусловите, ние тој натпревар нема да го играме. Исто така, доставуваме предлог до Здружението на прволигаши за промена на системот на делегирање на судии.

Според КК Пелистер, а веруваме и во поддршка од голем дел од прволигашите, најфер опција во моментов е да има ждребање на судии за секој натпревар. Целта е јасна, екипите од првата минута да имаат еднакви шанси за победа, а на крајот да слави тој што е подобар на терен, а не да има случаи како во првиот дел од сезоната со сомнително делегирање да се става дамка на нечии (не)успеси.

Искрено се надеваме дека овие предлози од нашиот клуб ќе бидат прифатени од сите, бидејќи станува збор за суштински промени на подобро, со кои кошарката ќе оди напред“, се вели во соопштението на Пелистер.

 

По зимската пауза, овој викенд ќе продолжат натпреварите од Првата лига, а тимот на Пелистер в недела гостува кај актуелниот шампион МЗТ Скопје.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе