Екипата на Алкалоид пред својата публика ќе има убава можност со победа да го завери пласманот во четвртфиналето во Европскиот Куп. Македонскиот претставник за ривал во осминафиналето го доби Бриксен и на првото соочување во Италија одигра доминантно триумфирајќи со 44:32.
„За мене малку неочекувано во овој период на годината, дојдовме до висока и убедлива победа прротив квалитетен ривал од Италиа. Знаеме дека нивниот ракомет е во подем како репрезентативен така и клупски, така што високата гол-разлика е неочекувана. Одигравме еден квалитетен меч, ни одеше се од рака и резултатот од Италија не е реален. Се одлепивме во последните минути, во 50 минута беше само четири гола предност, па така нема да го потцениме ривалот, иако можам да кажам дека сме поквалитетен противник од нив. Ракометарите одиграа одлично, ни следува реванш во Скопје, со истиот противник. Сакам и очекувам да победиме, заради нашиот рејтинг и македонскиот ракомет. Доста добро се подготвивме за овој натпревар и спремни ќе го дочекаме натпреварот против Бриксен. Искуството ми вели дека треба да се фокусираме на секој следен противник, така што сега ни е Бриксен од Италија. Распоредот е таков и мораме да го прифатиме овој предизвик. Знаеме дека против Еурофарм Пелистер ни следи меч, но мора да одиграме максимално со секого. Се уште немаме одлучено како ќе играме. Ќе видиме како ќе не води мечот, така ќе се однесуваме во сабота. Со мислите ќе бидеме во Битола, но мора прво да си ја завршиме задачата. Не сакам да дојде до некои непромислени работи со кои би ја загубиле самодовербата. Доста разговараме на таа тема, затоа што имаме голема предност. Посакуваме да добиеме понеатрактивен ривал, во еден сад мислам дека има понеквалитетни ривали, иако сите што се во ТОП-8 се квалитетни и на високо ниво, од нивото на Европската лига на ЕХФ.“, изјави тренерот Кире Лазаров.
За избраниците на Лазаров натпреварот против италијанскиот тим ќе биде одлична можност за проверка на силите пред гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Бриксен ќе се игра во сабота со почеток од 18:00 часот во салата „Автокоманда“.