Екипата на Македонија Ѓорче Петров оствари важна победа во разигрувањето за Супер лигата, откако на гостувањето во Автокоманда славеше над Мулти Есенс со 31:29, во натпревар од 4. коло на плеј-оф фазата. Ѓорчепетровци сега имаат 17 бода, исто колку што има и младиот тим од Автокоманда, додека на првото место се наоѓа Еурофарм Пелистер 2 со 22 бода. Македонија ЃП во следното коло против Еурофарм Пелистер 2 ќе се бори за петти триумф во плеј-офот.
Како што е познато, првопласираниот тим обезбедува директен пласман во македонската елита, додека второпласираниот ќе игра бараж со последнопласираниот од суперлигашката конкуренција. Возбудливиот натпревар во Автокоманда го реши Мартин Бучуковски, кој со својот петти гол на триесетина секунди пред крајот му донесе предност од 31:29 на гостинот, а домаќинот не успеа да реализира во преостанатото време.
Иако домаќинот одигра добро во првото полувреме и водеше со 12:9 на пауза, гостите не се предаваа, се вратија во игра во вторите 30 минути и успеаја да освојат важни бодови.
Победничката екипа беше предводена од Бојан Чакалиќ со 11 погодоци, по пет постигнаа Мартин Бучуковски и Матеј Марковски, а четири реализации имаше Бојан Божиновски. Кај поразениот табор, прво име беше Бојан Поповски со девет погодоци.