Лазаров: На сите играчи им симнувам капа, на сите како тим!

473

Тимот на Алкалоид во дерби дуелот од 8. коло од Супер лигата успеа да оствари убедлива победа над актуелниот првак Еурофарм Пелистер, триумфираше со седум гола разлика, 32:25.

Домаќините речиси во текот на целиот натпревар беа во предност, на полувреме имаа 16:12, додека во вториот дел гостите од Битола никако не можеа резултатски да се доближат.

Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров, ги сподели своите импресии по добиената битка со пелистерци.

,,Вистинско дерби, одигравме многу квалитетно, ова е можеби една од нашите најдобри партии. Еурофарм Пелистер, беше под своите можности, не знам дали можеби и ние придонесовме за тоа или се малку уморни од натпреварите во Лигата на шампионите. Јас сум го играл ова и знам дека не е лесно, да се игра ваков натпревар, а веќе со мислите да си и на дуелот со Веспрем. Ние имаме максимална почит кон нив, нивниот цел тим. Среќни сме и задоволни, реков уште по натпреварот со Клаипеда, задоволен сум од тоа како функционираме. Некој ја чувствува и вреднува таа победа, некој не, но јас почувствував дека тоа е тоа. Се одморивме, се потспремивме за ден – ден и пол. На сите играчи им симнувам капа, на сите како тим. Им кажав дека не ми е важно кој ги постигнува головите, важно е да функционираме како тим. И засега е така и се надевам дека ќе продолжиме така“, изјави Лазаров за клупската страна на тимот од Автокоманда.

Алкалоид сега има осум од осум во Супер лигата, а следен предизвик за момците на Лазаров е реванш дуелот против Драгунас Клаипеда во рамки од втората рунда од Европскиот Куп.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе