Македонскиот стратег Раде Стојановиќ направи голем успех во словенечкиот ракомет, откако успеа да ја врати Ајдовшчина во најквалитетното тамошно натпреварување, освојувајќи ја титулата во Првата лига.
Со овој успех, клубот по пауза од 29 години повторно ќе игра во словенечката елита. Во Ајдовшчина настапува и охриѓанецот Михаил Ивановски, кој даде голем придонес во долгоочекуваниот кам-бек на тимот во суперлигашката конкуренција и во неколку кола беше дел од идеалниот тим на шампионатот.
Ајдовшчина за ривал во финалето од плеј-офот го имаше тимот на Мокерц. Првиот натпревар заврши без победник, 27:27, додека на реваншот по 60 минути игра беше 24:24, па шампионот беше решен по изведувањето на пенали.
Во пенал серијата, голманите Чировиќ и Брана одбранија дури три удари за победа од 27:26 и големо славје на домашната клупа.
Стојановиќ на домашната сцена ги предводеше Металург 2, Охрид и Тиквеш, а на репрезентативно ниво оствари забележителни резултати со младинските селекции на Македонија.
Во странство беше тренер и на Катар Спорт, како и на Тримо Требње, клуб со кој исто така бележеше одлични резултати во словенечкиот шампионат.