Еден од најдобрите стрелци во кадетската и младинската лига, левото крило Андреј Георгиев, од следната сезона ќе настапува во Супер лигата.
Големиот талент, кој беше меѓу најдобрите играчи и во квалификацискиот циклус од младинската Лига на шампионите, со одличните настапи во младинските категории на Еурофарм Пелистер заслужено доби место во вториот суперлигашки тим од Битола.
„Битолчанецот Андреј Георгиев од наредната сезона ќе тресе мрежи за Еурофарм Пелистер 2. Кадетскиот репрезентативец, кој оваа година доминираше на позицијата лево крило и речиси на секој натпревар беше меѓу најефикасните“, стои во соопштението на Еурофарм Пелистер.
Георгиев со кадетската репрезентација на Македонија го освои златниот медал на Светското училишно првенство во Скопје, а во младинска конкуренција, на клупско ниво, има импресивен учинок од 161 гол на 22 натпревари.