Екипата на Алкалоид за пласман во осминафиналето во Европскиот Куп ќе се бори против австрискиот Вест Виен. Може да се каже дека избраниците на Кире Лазаров имаат ривал по мерка. Станува збор за клуб, кој во втората рунда од третото по ранг европско клупско натпреварување го елиминираше ВИФ од Фарски Острови, на првиот натпревар триумфираше со 29:22, додека на вториот беше поразен со четири гола разлика, 29:25.
Алкалоид пласманот во третата фаза го обезбеди со двете победи над литванскиот Драгунас. Првите дуели од третото коло ќе се играат на 23/24 ноември, додека реванш натпреварите една недела подоцна, односно на 30 ноември/1 декември.
Претставници на Македонија во Европскиот Куп во оваа сезона беа и Тиквеш и Охрид, но најпрво, кавадарчани беа елиминирани во првата, а охриѓани во втората рунда од Европскиот Куп.