Еден од странските ракометари кои оставија длабока трага во Младост Богданци, но и во македонскиот клупски ракомет, без сомнение е некогашниот македонски репрезентативец Иван Телепњев. Белорусинот во дресот на клубот од Богданци, тим што од наредната сезона повторно ќе биде дел од македонската ракометна елита, прикажуваше одлични партии и важеше за еден од најдобрите бекови во домашното првенство.
Телепњев во тие години беше и еден од најперспективните белоруски ракометари, но никогаш не доби вистинска можност да ги покаже своите квалитети на најголемата сцена. Во 2005 година се стекна со македонски пасош и настапуваше за националниот тим во квалификацискиот циклус за Европското првенство 2006. Подоцна се најде и на поширокиот список за квалификациите за Светското првенство 2009 кај селекторот Илија Темелковски, но по заминувањето од Македонија повеќе не добиваше повици за настап во репрезентативниот дрес.
Сега веќе 43-годишниот Телепњев во македонскиот ракомет настапуваше шест сезони, од 2002 до 2008 година. Четири сезони го носеше дресот на Младост Богданци, а потоа две години беше дел од Металург, пред кариерата да ја продолжи во Италија.
Со Младост настапуваше на европската сцена во сезоните 2004/05, 2005/06 и 2006/07, а европски натпревари одигра и во дресот на Металург. Беше прогласен и за најдобар странски ракометар во нашата држава, а кариерата ја заврши во својата татковина.
ВИДЕО
Во 2022 година, по 15 години, се врати во Македонија, во посета на Богданци, каде што се потсети на старите спомени.