Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет е победник на традиционалниот турнир во Гостивар, во организација на ракометниот клуб Јехона, наменет за ракометарки од генерацијата 2012/13.
Клубот од Свети Николе во борбата за првото место славеше над домаќинот со 23:20, а претходно во полуфиналето успеа да биде подобар од прилепска Деспина со 26:19.
Во борбата за третото место се судрија Деспина и Пантери Кале од Кичево, а на победа се израдуваа кичевчанки, кои триумфираа со 11:10.
Турнирот годинава го доживеа своето шесто издание, потврдувајќи дека ракометниот клуб Јехона успешно ја негува оваа традиција и дава голем придонес во развојот на младинскиот женски ракомет.