Кузмановски: Дресот на Еурофарм Пелистер тежи, секој мора да го даде максимумот

10

Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, со голем оптимизам ја започнува новата сезона и верува дека битолскиот тим може да се врати на победничките патеки.

Популарниот Фитиљ, кој остана верен на својот матичен клуб, посочи дека доаѓањето на искусниот Лино Червар би требало да донесе дополнителна мотивација кај играчите.

„Среќен сум што останав во мојот матичен клуб, љубовта е огромна тука за мојот град. Пред сè навивачите, клубот, фамилијата…Среќен сум на ова поле тука и се чувствувам среќен на теренот. Мислам дека оваа сезона ќе биде поуспешна од минатата. Можеби претходната не беше, но минатите години имавме добри резултати, беше среќен градот и навивачите. Ќе се потрудиме оваа сеозна да ги повториме истите резултати. Имаме многу нови играчи. Нормално, ќе треба да дадеме време да се адаптираат тука во оваа средина која не е лесна, но мислам дека со доаѓањето на Лино Червар сите играчи ќе бидат повеќе мотивирани и ќе имаат желба за играње. Ова е нашата публика, посебно битолската, која многу знае ракомет и која максимално нè поддржува на секој натпревар. Мислам дека на секој натпревар ќе имаме поддршка од публиката и од градот. Секој играч мислам дека ќе биде максимално мотивиран со доаѓањето на Лино Червар, кој сигурно ќе бара огромна работа, посветеност, максимална мотивација на теренот, како да се бори за секоја топка и во нападот и во одбраната. Мислам дека ќе бидеме еден различен тим кој ќе има жар во текот на целата сезона и сите 60 минути од натпреварот”,  изјави Кузмановски.

Тој се осврна и на заминувањето на дел од ракометарите кои во изминатиот период беа дел од тимот, нагласувајќи дека и покрај промените, најважно ќе биде да се создаде здрава атмосфера во соблекувалната. Капитенот на битолчани испрати и порака до новите играчи, потенцирајќи дека дресот на Пелистер носи голема тежина и одговорност, а тимот мора да биде фокусиран на своите цели.

,,Искрено, малку ми е криво за тие играчи што заминаа, поминавме прекрасни спомени – освојување на титула, славје… Владееше една одлична атмосфера во соблекувалната. Но, спортот и животот се такви, има такви моменти. Ќе останат добрите работи во сеќавање. Вртиме нов лист оваа сезона со некои нови играчи и со тие што останаа – поискусните и Македонците. Навистина сум среќен, мислам дека пак ќе имаме здрава средина, здрава соблекувална и тоа ќе биде клучот за нашиот успех. Самиот град, самите навивачи, самиот овој дрес што го носиме на себе е голем притисок, тежи дресот. Тоа сакам сите играчи да го знаат и да го ценат. Не е лесно да се игра за клубот тука, за Пелистер, треба секој да го даде максимумот. Мислам дека од сезона во сезона во македонската лига има добри противници, секоја екипа атакаува на шампионската титула. Нема лесни натпревари, посебно во плеј-оф фазата, но има доволно време до плеј-офот. Треба да изградиме јака средина и мислам дека нашите мисли треба да бидат насочени на нас, да не размислуваме на другите, и мислам дека чекор по чекор да ги оствариме зацртнаните цели”, заврши Кузмановски.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT