Новиот суперлигаш кај дамите, тимот на Атлетик, пред две недели ги стартуваше подготовките за големиот предизвик во Супер лигата, а ново име во стручниот штаб на скопскиот тим е Александра Кузмановска, која ќе биде задолжена за работата со голманите.
Кузмановска важи за една од најмладите и перспективни тренери во нашата држава, а воедно е и една од тренерите со највисоката тренерска лиценца – Мастер Коуч. До првиот дел од минатата сезона беше дел од стручниот штаб на поранешниот шампион на Македонија, ЖРК Вардар.
Во својата тренерска кариера, Кузмановска беше предводник и на Кузман Вардар, а како тренер на голманите работеше и во Металург РА. Таа има искуство и на интернационално ниво, каде што беше дел од грчкиот суперлигаш ПАОК. Во клубот од Солун, исто така, беше задолжена за работата со голманите.