ЖРК Куманово поради финансиски проблеми нема да биде дел од новата сезона во Супер женската ракометна лига. Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) информираше дека, согласно член 23 од Пропозициите за натпреварување, кумановскиот клуб се исклучува од натпреварувањето во елитното друштво.
На негово место требаше да игра Овче Поле Славјански Универзитет, тим кој што заврши на 2. место во Првата лига, но клубот од Свети Николе одлучи да остане во прволигашката конкуренција, па согласно ранкингот, нов член кој се враќа во најквалитетното женско сениорско натпреварување е Деспина (третопласирнаиот тим) од Прилеп.
Куманово е вториот женски клуб кој во пресрет на новата сезона се откажува од настап во највисокиот ранг. Претходно, Астибо од Штип донесе одлука да продолжи да се натпреварува во Првата лига.