Петтото коло од Супер ракометната лига носи неколку интересни дуели, а еден од нив ќе се одигра во Прилеп, каде што домаќините ја пречекуваат амбициозната екипа на Струга. Гостите од клупата се предводени од Божидар Мојсов, поранешниот предводник на прилепчани во периодот од август 2023 до март 2025 година.
Ракометарите на Прилеп имаа добар старт на сезоната – триумфираа над Куманово на домашен терен и над Младост на гости, во третото коло одиграа реми пред својата публика против Тиквеш, додека во претходното коло очекувано беа поразени на тешкото гостување кај Охрид. Стружани на своето конто имаат само една победа, онаа против Бутел на домашен терен во минатото коло, откако во првите три кола претрпеа порази од Тиквеш (дома), Охрид (гости) и Еурофарм Пелистер (дома).
На клупата на Прилеп од летото 2025 година седи токму стружанецот Наум Танески, кој одлично ги познава квалитетите на својот матичен клуб. Во составот на Прилеп има и двајца играчи кои се од Струга, левиот бек Никола Цветаноски и кружниот напаѓач Петар Маркоски, а тука се и ракометарите кои пред неколку сезони го носеле струшкиот дрес, пикерот Александар Тренчевски и средниот бек Владан Кастратовиќ (играч кој што својата интернационална кариера во Македонија ја стартуваше токму во Струга).
И во редовите на Струга има неколку играчи кои настапувале во Прилеп – Пеце Рајатоски, кој токму од Прилеп се пресели во Струга, како и пикерот Филип Пајкоски. Сето тоа дополнително го зголемува ривалството и интересот пред меѓусебниот дуел, бидејќи двете екипи одлично се познаваат.
На утрешниот меч (3 октомври), во спортската сала при СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, се очекува Прилеп да има силна поддршка од трибините. Со евентуална победа, тимот на Танески ќе го зголеми бодовното салдо и ќе се зацврсти во горниот дел од табелата. Прилеп, по три последователни сезони во плеј-аутот, оваа година е цврсто решен да избори место во ТОП 6.
Стружани, пак, располагаат со респективен состaв во кој се искусните Мартин Јовановски, Мартин Манасков, Марио Танкоски, Костадин Петров, Мише Шилегов…, а дополнителен квалитет носат и двајцата интернационалци Никола Јукиќ и Предраг Родиќ. Со ваков кадар, Струга, без разлика на исходот во Прилеп, сигурно нема лесно да се предаде и до самиот крај од регуларниот дел ќе се бори за што подобар пласман на табелата, па дури и за фаќање приклучок кон позициите кои водат во плеј-офот сегментот.
СТАТИСТИКА
Прилеп во воведните четири кола постигна 114 гола, а прими 122 (најмногу постигна против Куманово – 38). Во досегашниот тек од сезоната одличен впечаток остава Никола Шипинкоски, кој за разлика од пролетниот дел од минатата сезона, игра со многу поголема самодоверба и добива голема минутажа. Тој со 18 постигнати погодоци е втор стрелец во екипата, веднаш зад капитенот Димитар Димитриоски. Искусното лево крило ја предводи листата на стрелци кај прилепчани со 19 гола на четири натпревари, од кои дури 10 постигна на гостувањето кај Младост.
Струга по четири одиграни кола е екипата со најмалку постигнати погодоци – 94, а во својата мрежа прими 118. Најдобар стрелец на тимот досега е Никола Јукиќ со 24 погодоци. Во победата над Бутел (26-24), Јукиќ и Георгиевски беа најефикасни со по шест погодоци, при што Георгиевски имаше 100% реализација.
Натпреварот меѓу Прилеп и Струга е закажан за 19:30 часот, а влезот за сите љубители е слободен. Доколку не сте во можност да го проследите натпреварот во живо, ќе може да го гледате на линкот во продолжение…